Собранието ги избра Мухамет Хоџа и Беким Сали за нови министри во Владата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Собранието денеска ги избра Мухамет Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање и Беким Сали за министер за европски прашања.

Новите министри, кои доаѓаат на местата на Изет Меџити и претходно разрешениот Орхан Муртезани, веднаш по изборот дадоа свечени изјави пред пратениците.

Премиерот Христијан Мицкоски ги образложи предлозите, истакнувајќи дека изборот има за цел целосно екипирање на Владата и обезбедување континуитет во клучните ресори.

За Хоџа посочи дека неговото долгогодишно искуство во администрацијата е клучно за политиките на одржлив развој, додека за Сали нагласи дека неговиот претходен министерски и пратенички ангажман ќе придонесе за поефикасна координација на евроинтеграцискиот процес.

Додека владејачкото мнозинство даде целосна поддршка за кандидатите, опозицијата упати остри критики. Од СДСМ го оценија изборот како „политички театар“ за прикривање на неуспесите во реформите и економијата, додека од АА го проблематизираа разрешувањето на Муртезани наместо поднесување оставка.

Промените во владиниот кабинет следуваа по локалните избори, откако досегашниот вицепремиер Изет Меџити ја презеде градоначалничката функција во Општина Чаир.