Собранието го чека Законот за државјанство – ВМРО-ДПМНЕ обвинува за злоупотреба на европското знаменце

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Законот за државјанство со европско знаменце се очекува утре да се најде на дневен ред на пленарна седница во Собрание, со цел првин да се усвои потребата за законот, а потоа да премине во Комисијата за европски прашања. Од Владата велат дека експертите го усогласуваат текстот на законот со европските директиви, врз кои ќе се базира вметнувањето на европското знаменце, а потоа веднаш ќе биде доставен во Собрание.

„Ве информираме дека техничката обработка од страна на надлежните институции е во тек и по завршувањето ќе биде доставенна усвојување во Собрание. Очекуваме техничките измени да завршат час поскоро“, посочи Мухамед Хоџа.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека брзото усвојување на законот зависи од Собранието, а не од некој друг.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека на Владата ѝ станало пракса да го злоупотребува европското знаменце. Очекуваат објаснување од извршната власт – согласно кои Декларации усвоени во ЕУ е усогласен Законот за државјанство?

Претседателот на Левица во употребата на европското знаменце гледа кривично дело. Како што вели, ќе предложат дополнување на Кривичниот законик.

„Пратениците на Левица ќе предложат дополнување на Кривичниот законик, со вметнување ново кривично дело против службената положба: „ЗЛОУПОТРЕБА НА ЕВРОПСКО ЗНАМЕНЦЕ ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА“ со затворска казна од пет години“, вели Димитар Апасиев. 

Владата и албанската опозиција одлучија законот да помине со европско знаменце поради блокадите од страна на македонските опозициски партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица.