Собранието на итна седница не ги донесе измените на Изборниот законик со кои требаше да се регулира учеството на независните кандидати на претстојните локални избори. Измените беа модифицирани од првичниот предлог, бројот на потписи падна од 0,95 на 0,5 проценти од запишаните избирачи во Избирачкиот список во таа изборна единица. Но, иако мнозинството беше за овој предлог, сепак измените паднаа на Бадентер. Во делот на Изборниот законик кој се однесува за изборите е потребно и Бадентерово гласање.
„Вкупно гласаа 85 пратеника, за гласаа 67 против 18 кои нема воздржани. Ги молам пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија да се произнесат по делот кој е поврзан со локалните избори“, вели Африм Гаши.
Вкупно гласаа 29 пратеника, за гласаа 11 , 18 пратеници се против и нема воздржани. Констатирам дека собранието не го донесе законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.
Пратеници на Европски фронт во текот на седницата реагираа дека измените се во интерес на владејачките партии, а не и на граѓаните. Најавија дека измените нема да поминат бидејќи нема Бадентерово мнозинство.
„Затоа имаат за цел да го урнат главниот заштитен механизам кој извира од охридскиот договор кој е Бадентерот и кој е инструмент од заштитата од мајоризацијата. Е прв пат значи во овој плурализам темите на изборниот законик да се дискутира без компромис без консултации и со опозицијата“, вели Елми Азири.
Со реакција после седницата излезе и владеачката ВРЕДИ.
„Додека Влен бара да воспостави демократски вредности за граѓаните да имаат достоинствен избор да гласаат на локалните избори за градоначалник и советници Европскиот фронт се обидува да создаде забуна сакајќи да не постави правилно кој може, а кој не може да се кандидира. Поради оваа манипулација веќе ви е јасно на граѓаните“, вели Саранда Имери Стафаи.
Претходно, подносителите на првичниот предлог -група пратеници на чело со Никола Мицевски, го прифатија амандманот на „Левица“, прагот за потписи да се намали од 0,95 на 0,5 проценти.
„За нас е прифатливо ова решение од 0,5 проценти, од една и единствена причина, а тоа е првичната причина за да имаме рамка врз основа на која ќе можат независните кандидатски листи од независни кандидати да учествуваат односно да имаат одреден број потписи кои што ќе бидат потребни за собирање и учество на самите избори и надминување на правните толкувања и недоречености кои што ги имаме. Така да да прифатлив е амандманот од 0,5 проценти за кандидатски листи за независни кандидати“, рече Никола Мицевски.
Иако Собранието откако ги распиша локалните избори се распушти, сепак беше закажана итна седница на која измените на Изборниот законик требаше да се донесат по скратена постапка. Со недонесувањето- останува неизвесноста дали и како независните кандидати ќе учествуваат на локалните избори кои ќе се одржат на 19 октомври.
