Собранието за граѓаните – а граѓаните не сакаат ни да слушнат за пратениците

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Завршниот настан од кампањата Собранието за граѓаните кој се одржа во паркот Жена борец измина без граѓаните. Иако самата идеја беше пратениците да имаат поблизок контакт со граѓаните, тие го заобиколуваа настанот. Ниту еден од оние кои поминуваа во близина немаше позитивно мислење за функционирање на Собранието и начинот на работењето на пратениците.

„Ни од Владата ни од Собранието и од пратениците. Тенеќе мало стана. Тоа не се ни пратеници не е ни Собрание што треба да биде. За жал Македонија тоа го доживува денеска. Ништо добро нема, се на полошо и полошо за жал“.

„Пратениците 120 колку што се, работат за себе за народот не работат. Дел од пратениците се тука…. Ги гледам, ги гледам, и да им го кажам, џабе ќе биде тоа“.

„Што да ти кажам, не можам зборови да изберам колку сум задоволна. Ништо не сум задоволна. Не се заситија, срамота. Па за пензионери па за овој или оној, за никој само гледаат за себе“.

„Не донесоа во најголема беда. Од тоа дали поголемо зло постои, што правата ни се скратени, што вратите ни се затворени а за некого се е отворено“.

Сепак пратениците и од власта и од опозицијата се свесни дека нивниот рејтинг кај граѓаните е на ниско ниво. Особено е воочливо и ниското ниво кога често пати се случува жестоко да се караат и навредуваат во законодавниот дом.

„Мислам дека треба отворено да разговараме дека перцепцијата за работата на Собранието не е позитивна кај граѓаните. Апсолутно е недозволиво, јас тоа многу често го потенцирам во своите настапи дека е недозволиво на тој начин да се дискутира во Собранието. Затоа што ако граѓаните гледаат дека на тој начин се дискутира и дебатира во Собранието каква порака ние испраќаме“, вели Санела Шкриељ.

„Како што знаеме парламентот има релативно низок рејтинг, според одредени истражувања најнизок рејтинг како институција во однос на довербата која што ја добива од граѓаните. Кога ќе се посегне по личните навреди сметаме дека дебатата е загубена. И нормално е граѓаните да го менуваат каналот или воопшто да не се заинтересирани за дебатата понатаму кога ќе достигнеме до момент на лични навреди, кои што, да, морам да признам се честа појава во Собранието“, вели Рашела Мизрахи.

Изминативе денови парламентарниот караван се одржа во 13 градови низ земјава во која пратениците имаа средби со граѓаните,  а денешниот настан се одржа на истиот ден, 11 ноември, кога беа одржаните првите парламентарни избори во земјава по воведувањето на политичкиот плурализам во 1990 година.