Собраниска дебата за ребалансот на буџетот – 470 милиони евра за четвртиот пакет, опозицијата со критики

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Собранието почна дебата за ребалансот на буџетот. Предвидено е 470 милиони евра да се одвојат за четвртиот пакет економските мерки за справување со последниците од корона вирусот. 70 милиони евра ќе бидат за субвенционирање на 250 илјади плати за месец октомври, ноември и декември.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека предвидениот ребаланс нема да ги даде очекуваните резултати. Пратеникот Бојан Стојаноски го нарече неразвоен и лошо конципиран кој ќе ја одведе земјава во уште поголема финансиска и економска криза.

Доставија 188 амандмани од кои само 71 поминаа во комисија, а прифатени се 9. Од друга страна, амандманите на албанската опозиција не наидоа на слух, рече пратеникот на коалицијата Сега е време, Сурија Рашиди.

„При разгледување на буџетот факт е дека таму излегуваат сите потреби на нашите граѓани и наши населени места. Токму во дебатата на Комисијата за финансии и буџет се само приказни дека се е во ред.“, рече Рашиди.

Согласно Деловникот, дебатата трае пет работни дена. Вкупните приходи со измените во буџетот за 2020 се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари. Вкупните трошоци се планирани на ниво од 252.8 милијарда денари, околу 13 милијарди денари повеќе од почетниот буџет пред кризата со пандемијата. Врз основа на планираните приходи и трошоци, дефицитот е позициониран на вредност од 56.5 милијарди денари, односно 8.5% од БДП.