Софија негира дека ја објавила дипломатската нота – Скопје бара појаснување и одговорност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Официјална Софија реагираше по барањето на Скопје бугарските власти да се извинат за објавувањето на податоци поврзани со семејството на премиерот Христијан Мицкоски. Министерството за надворешни работи на Бугарија негира вмешаност во објавувањето на дипломатска нота поврзана со патувањето на семејството на Мицкоски во Пампорово, наведувајќи дека документот не се однесува на актуелна закана и дека станува збор за прашања од минатото.

„Министерството за надворешни работи не дистрибуирало дипломатска нота ниту каква било друга официјална кореспонденција поврзана со посетата на Бугарија од страна на членови на семејството на официјален претставник на друга држава. Информациите што циркулираат во јавноста во последните денови се однесуваат на вербална нота од 6 јануари 2026 година и се поврзани со настани од подалечното минато. Во овој момент, овие информации не можат да се земат како основа за заклучок дека постои директна закана за безбедноста на граѓаните на Бугарија или на која било друга држава“, изјавија од министерството за надворешни работи на Бугарија.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ продолжува да бара одговорност, при што ја обвинува и СДСМ за молк во врска со, како што го нарекува, дипломатскиот скандал кој, според нив, содржи чувствителни податоци за безбедноста на премиерот Мицкоски и неговото семејство.

„Наместо извинување и преземање одговорност од официјална Софија, јавноста доби молк. Но уште погласен е молкот на бугарскиот пратеник Венко Филипче. Лицето кое со месеци ги релативизира бугарските ставови и се претставува како нивен најгласен адвокат во Македонија, денес нема ниту збор, ниту осуда за овој дипломатски скандал“, вели Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Реакцијата на официјална Софија дојде откако министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, го повика на разговор бугарскиот амбасадор Ангел Александров Ангелов, откако во бугарските медиуми беше објавена дипломатската нота испратена во врска со патувањето на сопругата и синот на премиерот Мицкоски во зимскиот центар Пампорово на почетокот на оваа година. Муцунски изјави дека не само што побарале појаснување, туку и целосна истрага за тоа како документот излегол во јавноста. Сепак, според него, досега не добиле ниту појаснување ниту извинување. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека за случајот ја известил и НАТО.