Бугарските власти демантираат дека била споделена или испратена дипломатска нота во врска со престојот на семејството на македонскиот премиер Христијан Мицкоски во зимскиот центар Пампорово.
Според официјална Софија, информациите што се појавија во дел од медиумите за постоење на таква дипломатска комуникација се неточни.
„Бугарското Министерство за надворешни работи не откри дипломатска нота или друга формална кореспонденција поврзана со посетата на членови на семејството на официјален претставник на друга држава“, се вели во изјавата од МНР на Бугарија објавена во тамошните медиуми.
Бугарското МНР објасни дека информациите што циркулираат се однесуваат на вербална нота од 6 јануари 2026 година, поврзана со настани од минатото. Според нив, оваа документација не може да се смета како основа за заклучок дека постои непосредна безбедносна закана за граѓаните на Бугарија или на друга држава.
Темата се појави во јавноста по медиумски објави кои тврдеа дека постои дипломатска кореспонденција меѓу двете земји поврзана со приватен престој на семејството на премииерот Мицксоски. Иако Софија категорично ги отфрла тие тврдења, во македонското МНР завчера бил повикан бугарскиот амбасадор, од кого било побарано објаснување и темелна истрага за објавувањето на дипломатската нота, како што потврди министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.
„Очекуваме, не само објаснување, туку една темелна истрага како е дојдено до оваа ситуација, бидејќи и согласно меѓународното право вакво нешто е неприфатливо во меѓусебните односни на двете држави, независно од тоа што тие имаат меѓусебни политички тензии. Има држави кои што војуваат меѓусебно, па ваков тип на документи не излегуваат во јавност“, изјави Муцунски.
Случајот предизвика внимание во јавноста, особено поради политичкиот контекст и чувствителните односи меѓу двете земји.
