Софија против нови идеи за уставните измени – Николоски: Прво дома да си ги средат работите, па ќе разговараме

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Остри тонови на вицепремиерот Александар Николоски до бугарските власти – им порача „прво дома да си ги средат работите“. Ова следува откако бугарското Министерство за надворешни работи ја отфрли можноста за нови идеи за предоговарање и истакна дека ваквите идеи единствено можат да ја оддалечат земјава од ЕУ. Николоски вели дека ќе се чека стабилна политичка Влада во Софија за да се водат разговори.

„На раководството во Скопје би требало да му е јасно дека обидите за лансирање на идеи за предоговарање на веќе преземени меѓународни обврски можат да доведат единствено до ново оддалечување од стартот на преговорите за членство во Европската Унија.“, велат од бугарското МНР.

„До толку се нефункционални што не можат ни избори да закажат. Ова им е седма или осма техничка Влада, веќе луѓе не можат да најдат за во техничката Влада, така што нека си ги средат прво дома работите, нека изберат политичка Влада и ќе седнеме да зборуваме со политичката Влада.“, рече Николоски.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски изјави дека треба да се водат разговори со Софија за деблокада на евроинтегративниот процес и спомена можност за додатоци на францускиот предлог, но тие разговори би се воделе единствено со стабилна политичка Влада.

„Техничката Влада на Република Бугарија е легитимна Влада, која ги има сите прерогативи за управување на државата. Таа останува отворена за дијалог со Северна Македонија, а истовремено потенцираме дека, независно дали е воден со техничка или редовна бугарска Влада, дијалогот не вклучување предоговарање на веќе преземените обврски од Скопје.“, велат од МНР на Бугарија.

„Немам намера да одговарам на луѓе коишто ловат политички поени, а коишто се политички маргиналци во моментов во Бугарија, затоа што се претставници на Влада којашто нема легитимитет од никого.“, вели Николоски.

Од бугарското МНР исто така додадоа дека Македонија, поради непотребни провокации и конфронтации со соседите, веќе загубила многу време во процесот на евроинтеграција.