Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистражна постапка поради сериозни сомнежи за неовластено копирање податоци од информативниот систем на Кабинетот на претседателката на РСМ. Случајот е инициран на 18 декември 2025 година, по информациите добиени од Министерство за внатрешни работи за инцидент што се случил на 24 ноември 2025 година, каде што постојат сомнежи за упад во државниот компјутерски систем. Во рамки на истрагата, Обвинителството побарало проверка на компјутерскиот систем кај Сиљановска Давкова и наредило анализа на компјутерите и лаптопите доставени од Кабинетот на претседателката до МВР.
– На почетокот на 2026 година, по добиено известување дека Кабинетот на Претседателката не располага со копии од видеонадзорот, бидејќи опремата е набавена преку Служба за општи и заеднички работи, а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР, предметниот јавен обвинител се обрати и до СОЗР и до МВР за нивно итно обезбедување. Од СОЗР беше добиено известување дека институцијата не располага со видеозаписи, туку дека нивната надлежност се однесува исклучиво на набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите од записите е во надлежност на МВР. И покрај тоа, од страна на МВР до денес не се доставени повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видеонадзорот, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Од Обвинителството додаваат дека на 16 март 2026 година, МВР доставило само дел од информациите поврзани со обезбедување пристап до криптираните податоци од компјутерските уреди што дотогаш биле анализирани. Во меѓувреме, до Обвинителството биле доставени и два мобилни телефони одземени од пријавеното лице, за кои била побарана анализа и екстракција на податоци во Истражниот центар на Обвинителството.
– Потоа, на 25.03.2026 година, имајќи ја предвид сериозноста и чувствителноста на предметот, јавниот обвинител до МВР – Сектор за компјутерски криминал достави наредба за анализа на податоците од мобилните телефони, како и заедничка анализа на податоците екстрахирани од компјутерската опрема обработена во Истражниот центар на ОЈО ГОКК. Дополнително, беше побарана и анализа на постапувањето по судската наредба за увид и пребарување во информативниот систем на Кабинетот на Претседателката, со задолжение до обвинителството да биде доставено известување за прибраните докази, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Но, и покрај сериозноста на случајот и сомнежите за можен шпионски скандал во Кабинетот на претседателката, Обвинителството вели дека до денес од МВР не ги добило ниту резултатите од анализите, ниту доказите собрани во текот на истрагата.
Во одговор за ова прашање, од МВР за ТВ21 велат дека Секторот за компјутерски криминал веќе постапува по двете наредби добиени од Обвинителството, со кои се бара анализа на електронскиот доказен материјал. Додаваат дека моментално е во тек анализа на сите електронски докази извлечени од конфискуваните уреди. Посочуваат дека станува збор за поголема количина електронски материјал за кој е потребен подолг временски период. Според МВР, анализата е во завршна фаза и во наредниот период целиот доказен материјал ќе биде доставен до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
