Анкица Трпковска, сопственичка на компанијата „Анго“, која требаше да ја гради контроверзната катна гаража кај Собранието, е именувана за членка на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), објави БИРН. Нејзиниот избор за позицијата, која функционира како управен одбор, беше поддржан од 61 пратеник од владејачкото мнозинство на седницата во вторникот.
Според БИРН, за овој ангажман, Трпковска ќе прима месечен надоместок од околу 2.700 евра, што е еквивалентно на четири просечни плати.
Компанијата „Анго“ во 2013 година го купи државното земјиште до Собранието за 330.000 евра, но започна со градба дури во август годинава. Проектот беше прекинат бидејќи беше оценето дека е небезбедно да се изгради гаража до објект од витално значење, како што е парламентот. Премиерот Христијан Мицкоски на 5 септември изјави дека се бара начин за обесштетување на инвеститорот, а минатата недела од Собранието информираа дека наскоро ќе биде подготвен закон за решавање на проблемот.
Истражувањето на БИРН открива дека Трпковска била активна членка на Либералната партија и претседателка на партиската унија на жени. Во 2017 година, таа стана советничка во општина Бутел како дел од изборната листа предводена од СДСМ. Во последниот период, на социјалните мрежи отворено ја поддржувала владејачката ЗНАМ.