Министерот за здравство Венко Филипче, на прес-конференција во Владата информираше за новата ситуација со коронавирусот во земјава. Тој потврди дека нема нови случаи во изминатото деноноќие. Исто така додаде дека двајца колеги лекари биле на предавања во Мадрид, и се покажало дека еден од предавачите бил заболен. Тие ќе се тестираат и ќе бидат во карантин, рече Филипче.
„Единствената заболена пациентка е добро на клиниката за инфективни болести. Состојбата се стабилизира. Во изминатото деноноќие нема пациенти кои се јавиле за тест на коронавирус. Епидемиолозите се во редовен контакт со луѓето кои се во домашни услови, има доволни количини на тестови, будно се прати ситуацијата, се некаде 13 лица каде што беа тестовите негативни.“, рече Филипче и додаде:
„Викендов во државава се пристигнати 10 автобуси, и два авиони, сите патници се испрашани од страна на полиција, немаме податок дека има некој заболен, или дека некој од патниците бил во контакт со некој заболен од ризичните подрачја од Северна Италија“, изјави министерот за здравство кој потврди дека двајца лекари ќе бидат тестирани на коронавирус денеска и резултатите се очекуваат до вечерва.
„Двајца наши колеги лекари биле на предавања во Мадрид, каде што еден од предавачите бил заболен. Пристигнале доцна синоќа во нашата земја, немале контакт со голема бројка на луѓе. Тие денеска ќе бидат тестирани на инфективна клиника, па потоа ќе бидат во домашен карантин во траење од 14 дена. Со тој предавач немале контакти и мали се шансите да се заразени, но за секој случај ќе бидат тестирани и во карантин“, додаде министерот Филипче.
