Совет за безбедност: Нема потреба од вонредна состојба – Пендаровски: Кризна состојба ќе се воведува во региони каде ќе има потреба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По дво и пол часовниот состанок, Советот за безбедност донесе заклучок дека засега нема потреба од воведување вонредна или пак кризна состојба на целата држава поради корона вирусот. Шефот на државата Стево Пендаровски по состанокот изјави дека сите институции и целосната поставеност на државава е соодветна на актуелната состојба и на можните ризици на кои сме изложени и истакна дека доколку има потреба во иднина ќе се подига и новото на безбедност.

„Клучниот заклучок на Советот е дека не треба да избрзуваме со кризна состојба на цела територија или вонредна и тоа од две причини. Првата и основната е дека нема потреба а сите надлежни институции деноноќно ја мониторираат состојбата и реагираат промптно. И второ, јасно е, секаде во светот е така, за жал, кризата ќе трае“, истакна Стево Пендаровски.

Пендаровски посочи и дека Светската здравствена организација констатирала дека во нашава земја најсоодветно се применуваат препорачаните мерки. Тој повторно упати апел до граѓаните да се придржуваат до мерките и да избегнуваат непотребни патувања, бидејќи со тоа и себе но и другите ги изложуваат на ризик за пренос на корона вирусот. 

„Да упатам апел и до нашите државјани без потреба да не патуваат надвор, особено во земји кои се високо или умерено средно ризични и би сакал да упатам апел до нашите државјани кои работат во другите европски држави и држави во светот, а над 150 земји се зафатени со овој вирус без голема потреба да не се враќаат во својата земја“, додаде Пендаровски.

Во однос на изборите, Пендаровски рече дека за нивното одложување ќе се расправа на утрешната лидерска средба, а дека и мисијата на ОБСЕ ОДИХР за следење на изборите со официјален допис информирале дека го откажува мониторингот на изборниот процес.