Советот на ЕУ денеска ги усвои регулативите со кои се предвидува дека авиокомпаниите мора да достават податоци за патниците до надлежните органи, како што се патните документи, податоци за летот и багажот, пред да стигнат до надворешните граници на ЕУ.
Како што се наведува во соопштението, Советот на ЕУ денеска даде зелено светло за две регулативи кои ја зајакнуваат безбедноста на границите на ЕУ и ја подобруваат борбата против тероризмот и тешките криминали. Овие прописи воспоставуваат рамка за пренос и собирање на однапред информации за патниците (API).
„Не можеме да си дозволиме никакви слепи точки за патниците кои доаѓаат во ЕУ. Благодарение на законите усвоени денеска, органите на редот и граничарите однапред ќе добиваат попрецизни и навремени информации за сите (патници) на летовите кон ЕУ“, изјави унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор Пинтер.
Според новата регулатива за собирање и однапред пренесување на информации за патниците, авиокомпаниите се обврзани да ги префрлаат податоците за патниците, вклучително и податоците за патните документи, деталите за летот и информациите за багажот, до релевантните органи пред патниците да стигнат до надворешните граници на ЕУ.
Ова, како што се наведува во соопштението, гарантира дека надлежните органи можат однапред да вршат проверки, да ги проценат потенцијалните безбедносни ризици и ефикасно да управуваат со нив. Таа, исто така, овозможува полесна контрола на границите и обезбедува однапред да се преземат неопходните активности за обезбедување на надворешните граници на ЕУ.
