Советот на јавни обвинители ја одби иницијативата на Ленче Ристоска, немало влијанија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Советот на јавните обвинители на денешната седница едногласно ја одби иницијативата на јавната обвинителка Ленче Ристоска, во која таа тврдеше дека врз нејзината работа имало надворешни влијанија и политички притисоци поради предмети поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.

Според членката на Советот Маријана Илиевска, Комисијата утврдила дека изјавите и нападите на кои се повикува Ристоска не се поврзани со конкретни дејствија што би ја довеле во прашање нејзината самостојност. „Отсуството на индивидуализација ја исклучува можноста да се утврди реално и конкретно влијание“, посочи Илиевска.

Во заклучокот што Советот едногласно го усвои се наведува дека не е утврдено надворешно влијание врз работата на обвинителката, ниту е загрозен нејзиниот професионален интегритет.

На седницата беа донесени и одлуки за распишување огласи за избор на јавни обвинители во повеќе обвинителства во државата, меѓу кои во Ресен, Крива Паланка, Кочани, како и во вишите обвинителства во Битола и Скопје. Седницата продолжи со разгледување дисциплински предмети.