Советот на Народната банка донесе oдлука со која го додаде српскиот динар на курсната листа

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Советот на Народната банка на седницата одржана на 13 октомври 2022 година, донесе Одлука за начинот на формирање и објавување на средните курсеви на Народната банка, во која најзначајно е вклучувањето на српскиот динар на курсната листа на Народната банка.

Одлуката, како што информираа денеска од Народната банка, ќе почне да се применува од Курсната листа формирана на 1 ноември 2022 година.

Со вклучувањето на српскиот динар во листата на валути кои може да се купуваат и продаваат на девизниот пазар се отвораат можности за  поедноставување на економската соработка и се дава поттик на економските субјекти во интензивирање на трговските и финансиските текови меѓу двете земји, имајќи предвид дека Србија е еден од позначајните трговски партнери на нашата држава. Истовремено, може да се очекуваат и поволни ефекти и во поддршка на услужните дејности, со оглед дека е значен бројот на туристи од оваа наша соседна држава.

Одлуката за вклучување на српската валута во рамки на Курсната листа доаѓа во период на продлабочување на билатералната соработка на централните банки на двете земји и претставува координирана реакција на одлуката на Народната банка на Србија за ставање на македонскиот денар на својата курсна листа.