Петрушевски: Филипче без услови ги прифаќа бугарските барања во трка по власт, Филипче: Ветуваа европска иднина, донесоа изолација

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кој ја кочи европската иднина на земјава и кој прифаќа секакви отстапки за да дојде на власт. Критики и обвинувања за евроинтеграцискиот пат на земјава беа во фокусот и на денешните партиски преписки меѓу власта и опозицијата. Владеачката ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Филипче ја продолжува политиката на Заев и без услови ги прифаќа бугарските барања во трка по власт. Велат дека  Филипче оди чекор понатаму и отворено ги релативизира бугарските барања, тврдејќи дека македонскиот идентитет не е загрозен.

„Во време кога од Бугарија доаѓаат пораки со кои се оспоруваат делови од македонската историја, јазик и културен идентитет, Филипче останува нем на тие позиции и безрезервно ги поддржува отстапките што се бараат од Македонија. Очигледно е дека за него поважно е да обезбеди политичка поддршка однадвор отколку да застане зад ставовите и чувствата на македонските граѓани. Македонија има потреба од достоинствен европски пат, но со јасни гаранции и без нови идентитетски условувања“, вели Бране Петрушевски.

Порачуваат дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи компромиси со националните интереси и нема враќање на политиките кои носеа поделби и отстапки на штета на Македонија.

Лидерот пак на опозициската СДСМ, Венко Филипче, со контраобвинување. Вели ВМРО ветуваше европска иднина, а за две години донесе изолација. Филипче рече дека ветуваа максимални напори занапредок во евроинтеграциските процеси и полноправно членство во Европска Унија, одложена примена на уставните промени, исполнување на реформските процеси и целосно прилагодување кон европското законодавство, од што нема ништо.

„Нема никакви реформи, има закони кои што се носат во Собранието, кои не се по препораките  на Европската Унија и Европа ги враќа назад. Нормално, тие луѓе не се наивни. Европскиот пат е целосно заглавен. Христијан Мицкоски ја води земјата во изолација, а регионот оди напред. И тој излегува и кажува нема да се помрднеме ни чекор, ќе чекаме со децении.проблемите ги оставаме да ги решаваат децата“, вели Венко Филипче.

Според Филипче, наместо напредок во евроинтеграциите и реформи, државата е заглавена, а европскиот пат е целосно блокиран.