Советот на обвинители го поддржи Коцевски – во ДУИ сметаат дека државата е заробена

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Советот на јавни обвинители не го поддржа предлогот на Владата за разрешување на Љупчо Коцевски. Со гласови 6-3, Советот даде негативно мислење, но неизвесно е дали Владата ова мислење ќе може да го користи и во иднина, зашто во моментов е запрена процедурата за разрешувањето на државниот обвинител.

„Во однос на тоа немам коментар. Советот ќе го изготви мислењето во законски предвидениот рок и ќе го достави до Владата“, изјави Душица Димитриеска, претседателка на Совет на јавни обвинители.

Кои беа аргументите на членовите во расправата не се знае. Коцевски во одговорот дал и докази кои се однесуваат на дисциплинската постапка против поранешниот прв човек на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи, чие отстранување Владата го спореше.

„Јавноста беше исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител, како и заштита на податоците коишто беа содржани во доказите коишто јавниот обвинител ги достави заедно со произнесувањето по предлогот“, изјави Душица Димитриеска, претседателка на Совет на јавни обвинители.

Владата ја запре процедурата за разрешување на Коцевски поради трагедијата во Кочани и засега мислењето на Советот ќе биде во фиока. Според опозициската ДУИ, власта го злоупотребува системот за да ги заштити одговорните за пожарот и на обвинителот Коцевски му е ветено да остане на функцијата доколку игра по диктирани правила.

„Замислете го апсурдот на ова. Се иницира постапка за разрешување, јавно се вели дека оваа постапка започнала и нема враќање назад, па се случува трагедијата во Кочани, се следи партиската линија во предистражната и истражната фаза и потоа излегуваат и велат дека ја запираат таквата постапка. Што подразбира ова г-дине Нухиу, ако не заробување на државата?“ – изјави Арбер Адеми од ДУИ.

Претходно од власта истакнаа дека Коцевски е меѓу одговорните за ниската доверба во правосудството и побараа идниот државен обвинител да биде бескомпромисен борец против корупцијата.