СОЗР, конечно, се фискализира – Томовски: Набавени се фискални каси и прометот се уплатува

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот човек на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски делумно се согласува со извештајот на Државниот завод за ревизија во кој беа утврдени неправилности во финансиското работење, но вели дека тоа е резултат на долгогодишниот начин на функционирање. Државниот завод за ревизија наведе дека недостигаат уплати на дневен пазар како и неиздавање фискални сметки.

„Уплатата на паричните средства остварени од наплатени услуги во готово се врши со задоцнување од неколку месеци, а има уплати на дневен пазар кој потекнува од 2023 година Забележан е низок износ на уплатен дневен пазар поради прекин на одржување на фискалната апаратура, а за месец јуни 2024 година не се издавани фискални сметки.“, велат од Државниот завод за ревизија.

Томовски вели дека состојбата со фискалните сметки ја затекнале откако новото раководство ја презело должноста, но дека сега тој проблем е надминат.

„Кога ја затекнавме Службата ја затекнавме без фискални каси и во рок од 2 недели го отстранивме тој проблем, денеска функционираме непречено имаме фискални каси, функционираме онака како што треба законски да се функционира, промет се внесува на дневна основа“, рече Томовски.

ДЗР во извештајот ја наведува и праксата, СОЗР да набавува возила по пат на лизинг за кои секоја година се одлеваат високи износи на средства.

„Недостасуваат процедури или упатства со кои ќе се уреди планирањето на потребата од набавка на возила. Не се обезбедени информации од институциите дали во меѓувреме се сменила потребата за натамошно обезбедување со возило по пат на лизинг. Нема пракса да се врши детална и сеопфатна анализа на економската оправданост од лизингот“, велат од ДЗР.

Томовски вели дека имаат 45 такви возила кои се потребни за министерствата и други служби. Од вкупно 220 возила колку што поседуваат, 104 се расходовани и одлучено е да ги продадат за старо железо. Посебни, блиндирани возила имаат само едно, вели тој, тоа е мерцедесот за кој се водеше и судски процес „Тенк“, но рече дека се потребни уште.

„Ние имаме едно блиндирано возило „мерцедес“ за кое што дел од минатото раководство од нашата политичка партија одговараа а можам да ве убедам дека тоа блиндирано возило се користело од 2017 па до ден денеска се користи. Да, доста е старо и можеби треба да се набави ново, не сме размислувале за таа работа меѓутоа кога ви доаѓаат специфични гости од странство вие мора да имате и такво специфично возило. Можам конкретен пример да дадам, премиерот Орбан кога беше во посета на Македонија во Охрид си донесе сам блиндирано возило“, рече Томовски.

Во врска со владиниот авион, за кој постојано се тврди дека е на поправки и не може да се користи за соодветни делегации, Томовски со став дека е потребно да се купи нов. Во однос на државното земјиште вели дека голем дел од него не знаат ниту каде се наоѓа. Сепак додава дека проблемот со државните вили е решен и дека и претседателската и премиерската и во Скопје и во Охрид веќе имаат имотен лист.