Гигантот на маркетите SPAR го отвори својот прв INTERSPAR маркет во Македонија, во комплексот Retail Fresh Store на булеварот „Македонско-косовска бригада“ во Скопје, со што официјално го означи влезот на домашниот пазар на малопродажба.
Во присуство на бројни гости, домашни функционери, амбасадори, претставници на бизнис-заедницата, како и претставници на SPAR International и менаџментот на SPAR, беше претставено што овој синџир маркети носи за домашниот пазар и кои се неговите планови за иднината.
„Заедно со нашите партнери планираме да отвориме 65 маркети во рок од 12 месеци и да изградиме нов дистрибутивен центар за подобрување на логистиката и синџирот на снабдување со инвестиција од 43 милиони евра, (спој 04:24) создавајќи нови работни места, нови можности, раст за целиот сектор, воведување нови технологии, обуки и развој, а пред сè подобрување на изборот, искуството и вредноста за потрошувачите“, порача Дејвид Мур.
Славица Блажева, комерцијална директорка на SPAR Македонија, истакна дека доаѓањето на SPAR претставува почеток на долгорочна трансформација на пазарот на малопродажба и силна инвестиција во економскиот развој на земјата.
„Приватната марка SPAR не е само гаранција за висок квалитет и пристапни цени, туку и конкретна можност за соработка со домашните производители. Со вклучување на домашните компании во развојот и производството на SPAR производите, директно ќе придонесеме за раст на локалната економија, ќе создадеме можности за малите и средни бизниси и ќе поддржиме отворање нови работни места во државата“, вели Славица Блажева.
Првите SPAR маркети се наоѓаат во Retail Fresh Store и во Џевахир Мол.
Најавено е дека SPAR во следните три години ќе инвестира вкупно 45 милиони евра во Македонија, од кои околу 15 милиони евра ќе бидат наменети за отворање нови маркети и ребрендирање на постојните локации според европски стандарди.
Компанијата дополнително ќе инвестира околу 30 милиони евра за изградба на модерен логистички центар со над 40.000 квадратни метри, проект што се очекува да отвори околу 400 нови работни места.
SPAR и INTERSPAR моментално работат во 48 земји низ светот, со повеќе од 13.800 маркети на четири континенти. Секојдневно опслужуваат повеќе од 14 милиони потрошувачи на глобално ниво.
