Спасовски бара решение за „Еко клуб“ – Унгарија го отповика почесниот конзул, сопственик на компанијата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Час поскоро да почне истрага за случајот со „Еко Клуб“ со цел да се разјаснат сите дилеми кои кружат во јавноста, повика техничкиот премиер, Оливер Спасовски. На прашање на ТВ21 – дали Владата ќе побара одговорност од Државниот инспекторат, надлежен за следење на компаниите за преработка на медицински отпад, одговори дека сметка ќе даде секоја институција која се огрешила пред законот.

Поради случајот, како што дознава ТВ21, Унгарија го отповикала почесниот конзул во Битола Сашо Јанакиевски, кој е сопственик на компанијата „Еко Клуб“.

Министерството за надворешни работи од унгарското МНР добило нота за отповикување, која треба да ја констатира Владата на РСМ.

Но, во јавноста има сомнежи за лошо менаџирање на целиот отпад, откако екс-директорот на „Дрисла“ Горан Ангелов беше осомничен дека преку Македонија увезувал опасен отпад од Италија во Бугарија. Владата усвои закон со кој се забранува увоз на секаков вид отпад, но познавачите на овој случај, велат дека проблемот не завршува тука. Тие бараат соодветен третман.

„МаСВА апелира сите решенија кои се однесуваат на отпадот, третманот на отпадот и негова преработка за понатамошна употреба и како енергенс, како и дебата на оваа тема да се води на стручно ниво, затоа што само со факти и примена на воспоставени технологии ќе се дојде до најдобри решенија во интерес на сите и ќе придонесе за поголема заштита на животната средина“, велат од Македонската асоцијација за управување со отпад.

Во депонијата „Дрисла“ се врши внатрешна ревизија, а согласно она што го објави Град Скопје и градскиот Инспекторат, се сомнева дека компанијата „Еко Клуб“ која поседува дозвола за медицински отпад, во депонијата однела непреработен и нестерилизиран отпад. Обвинителството води предистражна постапка. За разлика од Инспекторатот на Град Скопје, државниот инспектор за време на инспекцискиот надзор не регистрирал неправилности во работењето.