Премиерот Оливер Спасовски денеска на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека официјално од петок се отвораат границите и двата аеродроми, без тестови и задолжителни државни карантини.
Со тоа Спасовски само ја потврди информацијата на ТВ21 дека од петок ќе се отворат граничните премини без никакви ограничувања.
Спасовски исто така напиша дека се укинува и забраната за организиран превоз.
„Врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, Владата денеска донесе одлука од петок, 26 јуни 2020 година, целосно да бидат отворани сите гранични премини за непречено движење на патници и возила без приложување на PCR тестови, и без упатување до домашна изолација или спроведување во задолжителен државен карантин.
Владата денеска донесе Одлука од петок, 26 јуни, да бидат отворени за сообраќај и Меѓународниот аеродром Скопје и на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Согласно овие одлуки Владата денеска донесе одлука да биде укината забраната за организиран превоз, која исто така стартува од 26 јуни.“, напиша Спасовски.
