Спасовски: Обраќањето на претседателката Сиљановска не понуди конкретна визија за иднината на државата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски денеска изјави дека не добил конкретна визија за иднината на државата од денешното обраќање на претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Собранието.

Како што истакна, очекувал дека во нејзиното обраќање ќе бидат опфатени повеќе актуелни теми од општествениот и политичкиот живот. Спасовски посочи дека два аспекта од обраќањето, како што се поддршката за Армијата и поддршката за еднаквите можности, се добро дефинирани и позитивни ставови, но посочи дека очекува тие да прераснат во конкретни политики.

Поддршката за Армијата и унапредувањето на животниот стандард на воените и цивилни лица е нешто што ќе добие поддршка од нас. Слично, поддршката на еднаквите можности и вклучувањето на жените во политиките е важен став, но очекуваме дека овие декларативни ставови ќе се преточат во конкретни мерки, нагласи Спасовски.

Тој исто така додаде дека очекувал од претседателката јавно да го осуди носењето на Законот за јавни набавки, кој, според него, ја нарушува транспарентноста, и ја повика да не го потпише овој закон.

Доколку има предлози за унапредување на евроинтегративните процеси на државата, тие треба да се споделат со парламентарната опозиција, за да можеме заедно да разговараме и да донесеме одлуки кои ќе го подобрат животот на граѓаните, рече Спасовски.

Тој исто така сподели дека очекувал претседателката да ги спомене актуелните економски предизвици и да предложи решенија за нив.