Спасовски: Со кризната состојба полесно управуваме со ресурсите за да го намалиме притисокот врз здравството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека со кризната состојба полесно управуваат со ресурсите за да го намалат притисокот врз здравството.

„Кризната состојба се прогласува на територија на цела држава или на дел од неа, на јужната и северната граница ние имаме пет години кризна состојба за управување со кризата со мигрантите. Ова е состојба во која ќе може да се искористат сите државни капацитети, но и делови од приватниот сектор, со цел да се заштити животот на граѓаните. Вака можеме полесно да ги искористиме сите потенцијали, а се да биде координирано од еден центар. Кризната состојба не значи дека од утре нешто се менува радикално. Тековните обврски на граѓаните се одвиваат непречено. Ние четири дена сме во кризна состојба, а граѓаните ги извршуваат своите редовни обврски“, посочи Спасовски во интервју на Сител телевизија.

Тој вели дека менаџирањето на криза не е лесно, без оглед на тоа во која фаза е таа криза.

„На почетокот на пандемијата имавме вонредна состојба затоа што немавме функционален парламент. Сето ова е големо искуство за сите нас кои сме вклучени во овие процеси, но и за самата држава – како постапувала, што научила, какви недостатоци имала… Тогаш имаше и порестриктивни мерки. Државите во целиот свет одеа исто, прво превентивни мерки, па порестриктивни. Ако на почетокот на кризата имавме можност да правиме по стотина тестови на ден, денес правиме по 3 до 4.000 тестови во 24 часа. Не само за тестовите, туку и за ковид центрите, сега ги имаме во поголем број. Сето ова беше непознато за нас и полека градевме стратегија, исто како и секоја држава. Не се разликуваат многу стратегиите на државите една од друга, сите се согласија за маските, дистанцата и дезинфекцијата, дека се трие клучни мерки за заштита“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.