Спасовски за Изборниот законик: Имаме над 30 измени, факт е дека треба да се донесе нов!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, во гостување во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 изјави дека постојниот Изборен законик е претрпен со бројни интервенции и дека е јасно оти е неопходно донесување целосно ново законско решение, наместо натамошни парцијални измени.

Според Спасовски, Изборниот законик е дел од реформската агенда која треба да се реализира со јасно утврдени рокови, но во моментов, како што рече, има над 30 измени на постојниот текст, што само по себе укажува на потребата од нов закон.

„Факт е дека имаме над 30 измени во постојниот Изборен законик и дека треба да се донесе нов. Ние како опозиција очекувавме Министерството за правда да понуди нов Изборен законик, затоа што тоа беше најавено и ветено од страна на Владата“, истакна Спасовски.

Тој посочи дека, наместо нов предлог-закон, на координативна средба во Собранието пред две недели, министерот за правда информирал дека нема да се оди со нов Изборен законик, туку ќе се формира работна група со по двајца претставници од парламентарните партии, која ќе разговара за измени. Притоа, било кажано дека доколку измените надминат 30 отсто од законот, тогаш ќе се пристапи кон носење целосно нов Изборен законик.

Спасовски оцени дека ваквиот пристап е уште еден показател за, како што рече, неисполнетите ветувања на Владата во рамки на реформската агенда.

„Требаше да имаме нов Кривичен законик, па добивме измени. Требаше да имаме нов Изборен законик, а повторно се зборува за измени. Тоа покажува дека декларативната заложба за реформи и напредок не се реализира во пракса“, рече пратеникот на СДСМ.

Тој нагласи дека теми како една изборна единица, намалување на бројот на пратеници и воведување отворени листи се прашања кои треба сериозно да се отворат и разгледаат, потсетувајќи дека дел од нив биле содржани и во изборните програми. Спасовски додаде дека СДСМ дава поддршка за отворање дебата за овие прашања во рамки на работната група.

Воедно, тој информираше дека сè уште нема официјален допис од Министерството за правда за делегирање претставници во работната група, иако поминале две недели од средбата.

„Изборниот законик се носи со консензус и тоа е едно од ретките законски решенија што може да биде блокирано доколку нема согласност. Историски гледано, секогаш бил носен со договор на сите политички партии“, нагласи Спасовски.

Според него, неопходно е да се седне на маса и да се разговара за сите прашања кои ќе придонесат за зајакнување на довербата во изборниот процес и за исполнување на очекувањата на граѓаните.