Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, во гостување во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 изјави дека евентуалните промени околу техничката, односно преодната влада, треба да бидат предмет на сериозна политичка дебата во која ќе учествуваат најголемите парламентарни партии, но и меѓународната заедница.
Спасовски потсети дека моделот на техничка влада е резултат на политички преговори во минатото, со цел да се обезбеди легитимен и фер изборен процес, особено во периодот кога, како што рече, имало сериозни злоупотреби на државните ресурси за време на изборите додека ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше Владата. Токму тие околности, нагласи тој, довеле до воведување на посебни механизми за контрола, вклучително и учество на опозицијата во клучни министерства.
„Кога беше донесен Законот за влада, во преодните одредби јасно стоеше дека техничката влада ќе важи само за парламентарните избори во 2016 година. По тој период, изборите требаше да се организираат без ваков модел“, рече Спасовски.
Тој додаде дека по 2016 година биле одржани повеќе изборни циклуси кои, според оценките на меѓународните набљудувачи, биле демократски и фер, со минимални технички забелешки. Како пример ги наведе локалните избори во 2017 година, кога, според него, Владата предводена од СДСМ покажала капацитет да спроведе избори без злоупотреби на државните ресурси.
Сепак, Спасовски потсети дека во 2018 година, за време на разговорите поврзани со референдумот, тогашниот лидер на опозицијата, Христијан Мицкоски, побарал враќање на преодната влада како механизам што ќе ѝ овозможи на опозицијата поголемо учество и контрола во изборниот процес. Тогаш, како што рече, СДСМ прифатил техничката влада повторно да биде вградена во Законот за влада, но без временско ограничување за еден изборен циклус.
„Договорот од Пржино подразбира договор меѓу најголемите парламентарни партии, со гаранции од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави. Затоа, доколку се отвори прашањето за техничката влада, разговорот мора да се води во тој формат“, истакна Спасовски.
Тој оцени дека во моментов нема потреба од брзање со промени на постојното законско решение и дека СДСМ смета оти техничката влада треба да продолжи да функционира и на следните парламентарни избори. Сепак, не ја исклучи можноста за разговор за одредени модификации, доколку за тоа се постигне широк политички консензус.
„Консензусот е клучен, затоа што ова законско решение е донесено со согласност на политичките партии и со поддршка на нашите стратешки партнери – САД и ЕУ. Сè додека нема таков договор, сметаме дека треба да остане важечкото решение“, заклучи Спасовски.
