Спектакуларно прво полуфинале одиграа ПСЖ и Баерн Минхен вечерва во Париз, во меч кој заврши 5-4 во корист на европскиот првак. Дефинитивно патникот во финалето ќе се решава на реваншот во Минхен, но она што двата тима вечерва го прикажаа беше атомски фудбал, а лесно можеше да видиме и двоцифрен број на голови.
Првиот удар го зададе Баерн Минхен, кој преку Кејн од пенал поведе во Париз. Пачо стартуваше над Дијаз, судијата досуди удар од белата точка, кој го потврди ВАР, па така Англичанецот донесе водство за германскиот тим.
Кварацхелија во 24. минута израмни на 1-1. Грузиецот доби топка по левата страна, пред него беше Станишиќ, но лесно успеа да го мине и да погоди во долниот лев агол. Девет минути подоцна предност за ПСЖ. Центрираше од корнер Дембеле, Невеш со глава го совлада Нојер.
Олисе во 41. минута убаво се проби по средината и го совлада Сафонов за ново израмнување на мечот. Кога се чекаше крајот на првиот дел, ПСЖ доби пенал по играта со рака на Дејвис, и Дембеле го претвори го погодок за предност од 3-2 по првите 45. минути.
ПСЖ имаше импресивен старт на вториот дел со два брзи гола. Кварацхелија во 56. минута успеа вторпат да го совлада Нојер и да донесе предност од 4-2. Две минути подоцна веќе е 5-2 со голот на Усман Дембеле.
И кога се чинеше дека ПСЖ го гази Баерн, германската „машина“ се враќа во мечот. Упамекано во 65. минута намали на 5-3 откако само малку ја зафати топката и ја спроведе во мрежата. Луис Дијаз потоа доби топка од Кејн, и мајсторски ја прими, шутираше прецизно во левиот агол за намалување на 5-4.
Мајулу можеше да го однесе ПСЖ до предност од два гола, но ја погоди само пречката, со што пропадна последната шанса да видиме 10-ти гол на овој спектакуларен натпревар.
