Спиропали во посета на Собранието – имаме заеднички пат кон Европската Унија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со високи државни почести претседателот на Собранието Африм Гаши ја пречека неговата колешка, претседателката на албанското Собранието Елиса Спиропали. Во средбата што ја имаа Гаши и Спиропали разговараа за евроинтеграциските процеси, унапредување на меѓусебната соработка, но и реализација на Коридорот 8. Спиропали во своето обраќање на заедничката прес конференција истакна дека Македонија и Албанија имаат заеднички пат кон Европската унија.

„Ние зборуваме албански, бидејќи имаме иста крв и јазик, но и двајцата знаеме како Балканци дека сме, дека овде, во нашиот крај полно со страсти, некако водени од самите себе внатре, а почесто од другите надвор, се случува да се мешаме. Ние веруваме дека ЕУ треба да продолжи да нуди јасен и достапен пат кон членството за двете наши земји, како и за целиот наш регион на Западен Балкан“, вели Елиса Спиропали.

Двете земји на меѓународен план имаат исти цели и интереси, а тоа е да станеме членки на Европската унија и да имаме поголема соработка во НАТО, порача претседателот на Собранието Африм Гаши.

„Искажавме очекување и надеж дека нашите две земји заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција. Сметаме дека тоа е многу важно како за нашите две земји така и за останатите земји од регионот бидејќи заедничка ни е посветеноста за сѐопфатен развој на Западниот Балкан. Укажавме дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла“, вели Африм Гаши.

Спиропали потоа имаше средби и со опозицијата, најпрво се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети, а потоа средба оствари и со претседателот на СДСМ Венко Филипче.