Според Цана анти-ковид мерките се нелогични – Филипче: Задолжителната вакцинација е начин за излегување од криза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Задолжителната вакцинација за сите вработени во здравствениот сектор и сите преземени анти-ковид мерки се нелогични, вели за ТВ21 инфектологот Фадиљ Цана. Според него, мерките што се воведуваат не се анализираат длабински, туку се копираат од други земји.

„Мерките кои ги носат здравствените власти во последните две и пол години во Македонија се многу нелогични и во повеќето случаи се поставува прашањето – кој ги советува или пак, како вообичаено се земаат копи-пејст од она што се случува во светот. Секој здравствен систем има свои специфики, секој терен има свои специфики, така што, и во нашата земја мерките треба да се носат зависно од нашата реалност“, вели Фадиљ Цана.

Но, што ќе се случи со здравствените работници кои ќе одбијат да се вакцинираат? Дали ќе бидат отпуштени од работа? Министерот за здравство, Венко Филипче рече дека наредната недела ќе се дискутира околу тоа – што ќе се преземе во однос на здравствените работници кои не одбијат да се имунизираат.

Цана нагласува дека е нелогична „дискриминацијата“ кон лицата кои го прележале ковид и кои повторно треба да примат анти-ковид вакцина.  

„Ако науката знае нешто тоа е дека категоријата луѓе кои го прележале ковид е позаштитена од категоријата на вакцинирани. Побезбедни сте кога се возите со лице кое го прележало ковид, а не е вакцинирано, отколку со лице кое има примено две или три дози анти-ковид вакцина“, додава Фадиљ Цана. 

Министерот Филипче вели дека земјава во моментов не ја разгледува можноста за задолжително вакцинирање против Ковид-19, но смета дека тоа е начин преку кој ќе ѝ се стави крај на пандемијата.