Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ лично му ја предеде Национална стратегија за спречување на корупцијата 2026-2030 година, на претседателот на собранието Африм Гаши и побара пратениците побрзо да ја донесат. Фокусот на Антикорупционерите во наредните 5 години ќе биде врз јавните набавки и надзорот над спроведувањето на законите, како и врз секторите Правосудство, Транспорт и инфраструктурни проекти, Просторно планирање, урбанистичко планирање и градежништво, Здравство, и секторот Животна средина, енергетика и природни ресурси.
„Се фокусиравме, иако самата проценка на ризиците опфати повеќе сектори, се фокусиравме на тие за кои што сметаме дека во наредниот петгодишен период, доколку се имплементираат ќе имаат значаен ефект врз развојот на општеството и врз намалување на корупцијата“, изјави Чучуљ.
Претседателот на Собранието, Гаши кажа дека веднаш ќе ја достави до пратениците.
„Веднаш ќе ја доставам до пратениците и се надевам дека во најбрз можен рок, тој согласно Деловникот ќе биде на пленарна седница и ќе биде усвоено како што кажа и претседателот на Државната комисија. Се надеваме и на имплементација која зависи од сите фактори во државата.“, изјави Гаши.
Чучуљ очекува брзо да се донесат и Измените на законот за спречување на корупцијата и судир на интереси кои се во владина процедура, со што смета дека ќе се зајакне нивната улога и интегритет. А ќе се заострат и санкциите за функционерите кои не ја пријавуваат својата имотна состојба.
„Нискиот степен на санкциите е детектиран и од страна на ГРЕКО и од таму во владина процедура е веќе нашиот закон, односно измените на законот и таму се предвидени не како санкции прекршочни повисоки, бидејќи се поврзани со Законот за прекршоци, има и други механизми за санкционирање за непријавувањето на имотната состојба. Двојно да речам санкционирање и други механизми како проверка дополнителна на имотната состојба, отварање на други постапки“, изјави Чучуљ.
Иако дел од институциите не дале проценки за Националната стратегија,сепак со помош на експрети пресметките покажале дека на Антикорупциска ќе и требаат најмалку 3,5 милиони евра за нејзино спроведување. Според Чучуљ тоа е многу ниско нешто што треба да даде државата во однос на тоа што може да добие со имплементација на Националната стратегија.
