Средба Гаши-Лирман: Сметајте на нашата поддршка за членство во ЕУ 

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот на Собранието Африм Гаши, придружуван од генералната секретарка Марина Димовска, ја почна својата работна посета на Бeрлин со средба на Ана Лирман, државна министерка за Европа и клима во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. На
средбата присуствуваше и нашиот резидентен амбасадор, Н.Е. Илбер Села.

Беа потврдени одличните билатерални односи меѓу двете земји на како на политичко, така и на економско и пошироко општествено нивo и силната и континуирана германска поддршка на нашите еворинтеграции.

Од страна на Претседателот Гаши, беше посебно истакната проактивната улога на Германија со иницирањето на Берлинскиот процес, и во месецот кога се одбележува 10-годишнината од неговото постоење, видливи се придобивките за земјите учеснички и нивните граѓани. Во однос на
пристапувањето во Европската Унија, беше искажано уверување за заокружување на преостанатите домашни обврски, со цел отворање на првиот кластер со апел за поголема предвидливост и појасна траекторија на движење во текот на преговорите и стриктно почитување на Копенхашките критериуми и барања за членство.

Лирман јасно ја искажа својата целосна поддршка за земјата и како силен поборник за проширувањето, посочи дека покрај донесувањето на усваните измени, за земјите членки е од особена важност земјата да покаже напредок во клучните области како владеење на правото, реформа на судството и борба против организираниот криминал и корупција за поизвесен тек на процесот на преговори. Ја пофали земјата како пример за мултиетничноста и пристапот во решавањето на отворените прашања со соседите.

Двајцата соговорници беа согласни дека соработката меѓу двете земји продолжува во областите од взаемен интерес. Германија останува да биде водечки партнер и сојузник во остварувањето на нашите стратешки цели и приоритети, а дека процесот на обединување на Европа во време на есктремна глобална поларизација нема друга алтернатива. Тој истовремено претставува геополитичка потреба и предност за Европската Унија.

Исто така во Германскиот Бундестаг, Претседателот на Собранието Африм Гаши, денес се сретна со г. Михаел Рот, Претседател на Комисијата за надворешна политика, г. Антон Хофрајтер, Претседател на Комисијата за европски прашања и г. Дирк Вупел, Претседател на Групата за пријателство со земјите од Југоистична Европа.

Претседателот Гаши изрази огромна благодарност за континуираната поддршка на Бундестагот на нашиот евроинтегративен процес и последно, донесувањето на Резолуцијата, која ја признава македонската култура, идентитет и јазик, како составен дел од европското заедничко културно
наследство. Во време кога постои негирање на овие универзални вредности, донесувањето на оваа резолуција е од особено значење за македонските граѓани, нагласи Гаши.