Средба Муцунски-Саар: Фокус на економијата, одбраната, сајбер-безбедноста и туризмот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зајакнување на билатералните односи и отворање нови можности за соработка биле во фокусот на средбата меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и неговиот израелски колега Гидеон Саар.

Муцунски, кој престојува во посета на Израел, на средбата со Саар ја потврдил определбата на двете земји за понатамошно унапредување на партнерските односи и продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес.

„Посетата е можност силните политички односи да ги преточиме во поконкретна соработка, особено во економијата, одбраната и одбранбената индустрија, сајбер-безбедноста, здравството, земјоделството и туризмот“, истакна Муцунски по средбата.

Како дел од посетата, двајцата министри потпишаа два билатерални документи со кои дополнително се зајакнува институционалната рамка за соработка меѓу Северна Македонија и Израел.

Станува збор за Програма за соработка во областа на образованието, науката, културата, младите и спортот за периодот 2026–2029 година, како и Меморандум за разбирање за билатерални економски консултации меѓу двете министерства за надворешни работи.

Во рамките на разговорите, Муцунски изразил благодарност за солидарноста и поддршката што Израел и израелскиот народ ја покажале кон Северна Македонија по трагедијата во Кочани.

Двајцата соговорници ја нагласиле заемната определба партнерството да продолжи да се развива преку конкретни проекти, зајакнување на економските врски и отворање нови можности за соработка во повеќе сектори.