Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска одржа средба со раководството на Пан-албанскиот Конгрес во Соединетите Американски Држави, претседателот Бруно Цека, извршниот директор Мартин Вулај и благајникот Гезим Рушити.
Како што соопшти ДУИ, на средбата се дискутираше за достигнувањата и предизвиците на Пан албанскиот Конгрес, зајакнувањето на албанскиот фактор во САД и интересите на Албанците во целиот свет.
-Дваесетгодишнината од Охридскиот рамковен договор беше важна тема за време на разговорот при што соговорниците се осврнаа на достигнувањата што ги имаат Албанците тука во текот на овие две децении и дека овие достигнувања нема да запрат, се наведува во соопштението.
За време на состанокот се разговарало за политичката состојба во земјата и во регионот, вклучувајќи ја и интеграцијата на Република Северна Македонија во НАТО и патот што го следи земјата за членство во Европската Унија, реформите што се направени, улогата и важноста на постигнатите договори за регионот.
Ахмети и раководството на Пан-албанскиот Конгрес, се додава, разговараа и за зајакнувањето на улогата на албанската дијаспора, вклучително и за придонесот што го даваат, како и за подигнување на нивото на соработка со администрацијата во Вашингтон.
Тема на разговор биле и регионалните случувања и воспоставувањето на конкретна соработка во насока на зголемување на улогата на Пан-албанскиот Конгрес за интеграција на Република Северна
Македонија во Европската Унија, решавањето на спорот меѓу Косово и Србија со взаемно признавање и интеграција на Косово во НАТО и во Европската Унија, стои во соопштението од ДУИ.
