Средба Сиљановска Давкова-Филипче: Теми биле евроинтеграциите и спојувањето на безбедносните служби

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Прва средба одржаа претседателката Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на СДСМ Венко Филипче. Од Кабинетот на претседателката соопштија дека двајцата зборувале за политичката и безбедносната состојба, како и можните решенија кои би довеле до отпочнување на преговорите со Европската Унија.

Филипче ја оцени средбата како конструктивна и додаде дека СДСМ ќе ја поддржи секоја подобра позиција што власта би ја обезбедила за одблокирање на евроинтеграциите.

„Сите други обиди, меѓу другото, и одложеното дејство на уставните измени, тогаш бугарската страна не ги прифати. Што и да направи сегашната Влада и ги подобри нашите позиции, ние тоа го поддржуваме“, изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Филипче додаде дека тој останува на барањето за собраниска седница на која премиерот Христијан Мицкоски би ги образложил деталите од неговиот план за деблокада на процесот. Во меѓувреме, освен за евроинтеграцијата, Филипче и Сиљановска Давкова зборувале и за намерата на власта да ги спои Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност. Како што вели Филипче, претседателката ги нотирала неговите забелешки.

„Укажав и на некои информации дека за жал некои ваши колеги новинари се плашат да објавуваат текстови поради тоа што имаат притисоци од безбедносните служби, што сметам дека е сериозен процес на сузбивање на демократијата“, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Инаку, освен како претседател на опозициската партија Венко Филипче со претседателката разговараше и во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции. Двајцата се согласиле да се следи како се спроведува реформската агенда и Планот за раст.