За надминување на отворените прашања меѓу двете држави зборувале претседателката Гордана Сиљановска Давкова и нејзиниот бугарски колега Румен Радев. Двајцата се на конференција за климатски промени во Азербејџан, а од Кабинетот на претседателката соопштија дека на едночасовната средба тие ги искажале позициите за можни решенија што ќе го одблокираат евроинтегративниот процес.
„Мислам дека добар почеток имавме и дека треба да продолжиме така. Еве, повторувам и денеска, во Бугарија чинам се е менливо освен Вие. Вие сте најстабилниот елемент“, вели Гордана Сиљановска Давкова.
Според соопштението од Кабинетот, Радев укажал на брзо решавање на отворените прашања. Тој во изјава за бугарските медиуми истакна дека граѓаните во земјава губат историско време. Според Радев, дијалогот со Сиљановска Давкова е отворен и прагматичен и така треба да изгледа и дијалогот меѓу владите во двете земји.
„Поставивме многу прашања кои се уште стојат. Не е проблемот само со навременото внесување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија. Ние навистина очекуваме Владата и Парламентот на Северна Македонија што поскоро да исполнат се што стои во преговарачката рамка и во Договорот за добрососедство за да може Северна Македонија да не губи историско време“, вели Румен Радев.
Двајцата претседатели се согласиле да организираат официјални посети. Инаку, ова е трета средба на Силјановска со Радев, откако седна во претседателската фотелја.
