Во период кога сообраќајот во Тетово е најоптоварен и кога за движење од еден до друг дел на градот е потребно многу време, Општина Тетово ги повлече двете возила на пајак-службата.
Според градоначалникот Билал Касами, службата не била функционална поради недостиг од сообраќајни полицајци. Решението го гледа во тоа привремено да функционира само едно пајак-возило на јавното претпријатие, сè додека отстранувањето на непрописно паркираните возила не го преземе приватен оператор што ќе го ангажира Општината.
„Не е дека нема соработка со полицијата, туку реално полицијата нема капацитет во секој дел од градот да интервенира за отстранување на непрописно паркираните возила. Знаете дека се обидовме, дури и самиот министер за внатрешни работи даде поддршка. Ги вративме инспекторите на терен, привремено прогласивме вонредна состојба за да можат да интервенираат, но се покажа дека ниту тоа не беше решение што ќе го надмине проблемот“, вели Биљал Касами.
Од СВР Тетово возвраќаат дека четворица сообраќајни полицајци биле ангажирани во две смени за потребите на пајак-службата. Тие биле пренасочувани од оваа задача само кога имало делегации на подрачјето што го покрива СВР Тетово.
„Досега беше практика да се ангажираат четворица полицајци, односно по двајца во две смени, бидејќи на располагање имаше две пајак-возила. Но, има случаи кога едното од возилата е надвор од функција и не може да работи, па колегите се ангажираат на други задачи сè до неговото повторно ставање во употреба“, вели Фатмир Реџепи.
Општина Тетово досега изнајмуваше две пајак-возила од приватни компании, а претходно истите ги користеше по модел на процентуална наплата. Сепак, според градоначалникот, ниту едно од овие решенија не се покажало доволно ефикасно за воспоставување ред и надминување на сообраќајниот хаос во градот.
