ССМ ќе ги оспори законите пред Уставен суд – Пешевски: Владата ќе ги враќа работниците во робовладетелство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сојузот на синдикатите на Македонија најавува дека ќе ги оспори пред Уставен суд измените на законот за работни односи кои се пред усвојувањето во Собранието. Претседателот на синдикатот на градежништво Иван Пешевски во неделното интервју за Радио Слободна Европа очекува Уставниот суд повторно ќе ги донесе истите заклучоци со кои овој закон ќе се прогласи за неуставен. Со тој закон нема да има како што велат 60 часовна работна недела туку ќе биде 72 часа, вели Пешевски.

„Нашата Влада дефинитивно смета дека треба да ги врати македонските градежни работници во робовладетелство и феудализам и да работат од 40 – 60 како редовни часови плус 12 часа да се плати како прекувремена работа. Согласноста која што ја кажува и министерката за труд и социјална политика сама по себе е неуставна. Вие како работник не можете да се согласите да работите толку дури и ако сакате. Значи нема цена што може вас да ве плати да работите по 72 часа неделно. Со било каква согласност сама по себе таа е неуставна и повторно ние ќе ги оспоруваме тие согласности“, вели Иван Пешевски.

А договорот со Бехтел и Енка за изградбата на коридорите е тема и на партиските средби што ги прави ВМРО-ДПМНЕ. Потпретседателот на партијата Александар Николовски вели дека сите инфраструктурни проекти се запрени а власта е заинтересирана само за договорот со Бехтел и Енка.

„Единствено за што се заинтересирани од актуелната власт на ДУИ и СДСМ се штетните договори со „Бехтел и Енка“ каде што во моментот Македонија исплати 117 милиони евра на „Бехтел и Енка“, а 117 зрна песок  не се ставени во градба на било што во државата. Видовте две пародии едната пародија беше кај Тетово каде што наводно почна да се гради тој дел од автопатот а не се гради ништо, втората пародија беше малку подолу од Прилеп каде што исто така почна да се гради овој дел од автопатот но сите знаете дека не се гради ништо“, истакна Александар Николоски.

Но премиерот Ковачевски деновиве истакна  дека опозицијата прави хистерија за овој проект и без никакви аргументи обвинува за криминал.

„Она што се случуваше во изминатиот период беше неаргументирано правење на хистерија против работата на Владата од страна на опозицијата, бидејќи таму немаше ниту еден аргумент. Веќе проектот е започнат со работа веќе компанијата работи на екипирање, почна со геомеханички истражувања, веќе ги формираат своите тимови, јас сметам дека во текот на летото ќе почнат и физичките работи на терен и се работи навистина за проект кој што ќе има 2 проценти ефект позитивен на бруто домашниот производ“, порача Димитар Ковачевски.

Законите потребни за изградбата на коридорите 8 и 10Д кои имаат европско знаменце се во собраниска расправа. Два веќе поминаа на пленарна седница а се очекуваат уште другите три кои најпрво треба да ја завршат комисиската расправа. По ова сите пет закони ќе бидат ставени на гласање.