Македонски државјанин е фатен при обид за криумчарење десет преносни компјутери од марката DELL во вредност од речиси 13 илјади евра при влез во државата на граничниот премин Богородица.
Случајот e откриен од царинските службеници кои, поради основано сомнение, извршиле претрес на возило во сопственост на рент-а-кар компанија, управувано од осомничениот. При контролата, на различни места во возилото биле пронајдени нови лаптопи од марката DELL.
Во предистражната постапка спроведена од страна на Одделението за истраги е утврдено дека осомничениот, откако во Солун од карго-компанија подигнал десет преносни DELL компјутери, со намера да ги криумчари, на паркинг простор во Грција ги скрил на различни места во возилото со кое патувал.
Против лицето, поднесена е кривична пријава до ОЈО Гевгелија поради основано сомнение за сторено кривично дело криумчарење, казниво по Кривичниот законик.
Царинската управа продолжува со активностите насочени кон заштита на финансиските интереси на државата и обезбедување услови за фер економија.
