Сојузот на синдикати реагираше во однос на вчерашната владина одлука за покачување на платите од 5% во МВР. Бараат Владата да донесе одлука за зголемување на платите од 18,4% во јавниот сектор, а не, како што велат, да ги манипулира работниците со паушални зголемувања на платите од 2, 3, 5, 10, 15%. Ова според нив е обид да го минира генералниот штрајк, а од друга страна предизвикува уште поголем револт кај вработените.
-Како што вели Законот, платите и во јавниот и во приватниот сектор треба да се усогласат за 18,4 отсто, а ССМ бара, се бори и е одлучен до крај да истрае за работниците да добијат достоинствени плати утврдени согласно законите и колективните договори кои мора да се спроведуваат и покрај сите притисоци, порачуваат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Владата вчера одлучи платите во МВР да бидат зголемени за 5%.
-Владата го задолжи Министерот за внатрешни работи, да ги преземе сите потребни активности за реализација на покачувањето плати во МВР во висина од 5%, почнувајќи со платата од септември 2022 година, по известувањето од Министерството за внатрешни работи дека во буџетот на МВР за 2022 година се предвидени средства за ваквото покачување од месец септември и барањето на МВР за донесување ваков заклучок, со цел да се направи промена на решението за вредноста на бодовите, велат од Владата.
Според ССМ, разликата меѓу просечната нето плата и синдикалната кошница во 2022 година е 7.384 денари. Додаваат дека толку пари недостигаат за да може нормално да живее едно четиричлено семејство со просечна плата, ако има само еден вработен.
