По нејавувањето на владин претставник на вчерашната средба во Сојузот на синдикати на Македонија за потпишување спогодба за зголемување на минималната и останатите плати, ССМ најави продолжување на протестните активности со блокади на институциите.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, информираше дека Советот на ССМ одлучил во вторник, на 10 февруари, работниците да го блокираат Собранието, при што пратениците нема да можат да пристапат со автомобили. Целта, како што посочи, е пратениците директно да се соочат со барањата за минимална плата од 600 евра и линеарно зголемување на сите останати плати за 100 евра.
Во четврток, на 12 февруари, следуваат блокади на организациите на работодавачи, односно Организацијата на работодавачи, Стопанската комора и Сојузот на стопански комори. Понатаму, на 17 февруари, ССМ најави блокада на Владата, при што министрите и премиерот нема да можат да пристапат со службени возила, туку ќе мора пеш да поминат покрај работниците.
Од ССМ предупредија дека доколку и по овие активности нема одговор на нивните барања, можно е организирање уште еден масовен протест, како вовед во одлука за генерален штрајк.
