Стадионот во Зајас останува само ветување, компанијата чека сигнал од АМС за старт на активностите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Реконструкцијата на стадионот во Зајас, кој е претворен во депонија, и понатаму е само ветување. Минатата година ТВ21 неколкупати алармираше за состојбата на стадионот, по што Агенцијата за млади и спорт излезе на терен за да ја утврди вредноста за неговата реконструкција.

Во септември минатата година, поранешниот заменик-директор на Агенцијата, Авни Рустеми, преку Фејсбук статус информираше дека се издвоени 130 илјади евра и вети дека активностите ќе започнат наскоро. По еден месец беше објавен тендер, беше избрана компанијата и требаше да се почне со работа. Но, засега се тапка во место.

Во емисијата „Пастел“ на ТВ21 го прашавме новиот заменик-директор на Агенцијата за млади и спорт, Амир Биљали каде стои проблемот и зошто стадионот не се реконструира?!

Компанијата која го доби тендерот е ЕУРОИНВЕСТ МЕДИУ, која согласно договорот требаше да ги почне градежните активности на 11 јануари годинава.

ТВ21 стапи во контакт со компанијата, од каде ни рекоа дека се подготвени и дека нема никаков проблем од нивна страна. Како што велат, секој ден чекаат сигнал од Агенцијата за млади и спорт за да можат да почнат со работа.

Овој стадион некогаш беше функционален. Тука тимот од Зајас ги вршеше свои секојдневни активности, но денес не може ниту да се стигне до него, бидејќи целиот пат кој води до стадионот „плива“ во отпад.