„Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, економијата ќе се стабилизира, долгот ќе се одржува на стабилно ниво

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Економскиот раст во земјава на среден рок ќе се стабилизира, значаен имплус ќе даде приватната потрошувачка и инвестициите, вклучително и капиталните инвестиции. Дополнително влијание врз економските перспективи ќе има и напредокот во ЕУ интергацијата, која ќе придонесе и за зајакнување на структурните и институционалните капацитети, е нотирано во најновиот извештај на Агенцијата „Стандард и Пурс“ која го потврди кредитниот рејтинг на земјава ББ со стабилен изглед. 

Во извештајот се наведува дека земјата ќе продолжи со фискалната консолдација, намалувањето на инфлацијата и заштитата на финансиската стабилност, како и со структурните реформи, а долгот ќе се одржува на стабилно ниво.

Кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед, како што посочува Министерството за финансии, земјава го има во континуитет од 2013 година и е задржан и покрај здравствено-економската криза и ценовната и енергетската криза.

– Агенцијата нотира дека e значајно да продолжат напорите за структурни реформи, зајакнување на институционалните капацитети при истовремена консолидација на одржливите фискални политики, што може да придонесе и за зголемување на рејтингот. Кризата во 2023 година ќе има се уште влијание, но сепак буџетскиот дефицит очекува да биде понизок во однос на 2022 година на ниво од 4,4 проценти, кое е пониско од владините проекции (4,6 проценти). Донесениот Закон за буџети, сметаат од Агенцијата, ќе помогне во забрзување на фискалната консолидација. Владата е насочена кон намалување на трошоците, а даночната реформа се очекува да ги зајакне приходите. Државниот долг на среден рок се очекува да се стабилизира, информираат од Министерството за финансии.

Во извештајот се посочува дека Владата е посветена на одржување на атрактивноста на земјата за странски директни инвестиции. – Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки, се вели во соопштението од Министерството за финансии.    

Претходно, земјава доби потврда и од Агенцијата „Фич“ која го ревидираше изгледот на кредитниот рејтинг на земјава од негативен во стабилен.