Со околу девет илјади долари бруто домашен производ по глава на жител, долг пат ја чека Македонија ако сака стандардот на граѓаните да се доближи до тој на Европската унија. Македонските граѓани се за околу 15 илјади долари посиромашни од најсиромашните во ЕУ, тоа се Бугарите и околу 26 до 27 илјади посиромашни од просекот на Унијата чиј бруто домашен производ изнесува 36 – 37 илјади долари по глава на жител.
Од Светската Банка велат дека ако сакаме да го дуплираме богатството на населението, ќе мора да имаме фантастични стапки на раст на бруто домашниот производ.

„Зависи сепак од стапката на раст. Ако е многу голема стапката на раст, на пример 10 проценти, тогаш се удвојува бруто домашниот производ за седум години, така што од сегашните 8 – 9 илјади може да се достигне до 17 илјади, а до 10 илјади може да се постигне за многу пократок период и сето тоа зависи од тоа колкава ќе биде стапката на раст. “, вели Иваило Изворски.
А за да се стигне просекот на ЕУ од 36 илјади долари ќе требаат од 40 до 70 години, во зависност дали растот е поголем или помал.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски најави дека до крајот на мандатот на оваа влада, односно до средината на 2028 година, бруто домашниот производ би стигнал до 20 милијарди долари или над 10 илјади по глава на жител.

За Светската Банка, ова е остварливо, но ако се направат реформи и се отстранат слабостите на системот. Според Банката, но и според Европската Унија, Македонија има три слабости. Тоа е човечкиот потенцијал, кој е слаб поради лошото образование, лошата бизнис клима за приватните фирми и поради тоа што имаме нелогочна потрошувачка на енергија во државава.
„Во земјите од овој регион се користи многу помалку енергија по лице, отколку во Западна Европа. Меѓутоа, и покрај тоа што се користи многу помалку енергија по лице, по глава на жител, се користи многу повеќе енергија по единица бруто домашен производ. И гледате каква контрадикција е тоа. Иако користите помалку енергија по глава на жител, се користи три пати повеќе енергија по единица бруто домашен производ отколку во земјите на Западна Европа и Европската Унија.“, вели Иваило Изворски.
Првиот човек на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас вели дека мора да се подобри бизнис климата.

„И веќе со некои од вас разговарав, се сретнав со коморите, се сретнав со извршни директори и сите се согласуваме за тоа, заедно и со Светската банка, дека треба да го ослободиме потенцијалот на приватниот сектор. Можеме да донесеме колку што сакаме грантови и концесиски кредити, но ако не го ослободиме овој потенцијал, нема да го постигнеме статусот на земја со среден приход и да донесеме дополнителен просперитет во земјата.“, вели Михалис Рокас.
Рокас додаде дека реформите што се преземаат во правосудството и во јавната администрација треба да се применат во реалноста, за добробит на граѓаните и на бизнисот.
