Стапката на благајничките записи се зголемува на 1,5% Битиќи: Нема да има зголемување на каматата за банкарските кредити

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Каматната стапка на благајничките записи се зголемува за 0,25 процентни поени и отсега ќе изнесува 1,5 отсто, одлучи Комисијата за монетарна политика на Народната банка. Одлуката, како што соопштија денеска од Народната банка, е донесена како превентивна реакција на очекувањата за пораст на инфлацијата во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици присутни за неа во наредниот период.

„При донесувањето на ваквата одлука фокусот беше ставен на инфлациските движења и инфлациските очекувања. Инаку, износот на понудата на благајничките записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари“, велат од Народна банка.


Но, дали се очекува по оваа одлука да има зголемување на банкарските камати на кредитите? Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека нема да има зголемување на каматите на банкарските кредити.


„Мислам дека зголемувањето е толку мало и мислам дека нема да има зголемување на банкарските камати. Само за потсетување, во последните две години откако сме во криза, Народната банка ги намали каматите за еден процентен поен. Мислам дека кај банкарските камати немаше такви реакции да се зголемат за повеќе од еден процентен поен, така што и овде очекувањата се дека во овој момент нема да има зголемување на банкарските камати“, вели Битиќи.


Од Народната банка велат дека девизните резерви остануваат на највисоко ниво согласно сите меѓународни стандарди, додека според прелиминарните податоци за март, годишниот раст на кредитите е солиден и во текот на првиот квартал проектиран за оваа година, согласно октомврискиот проекција.