Сопствениците на приватните болници и министерството за здравство, се договорија старата болница “Систина“ да биде претворена во ковид центар, односно во инфективна клиника со 100 кревети, пренесува „Плус инфо“.
Идејата е да се обезбедат пет доктори, 30 медицински сестри, 10 болничари, а кадарот ќе доаѓа од „Аџибадем Систина“, Клиниката „Жан Митрев“ и болницата „Ре-медика“.
Порталот пренесува дека траат разговорите околу тоа како Фондот за здравствено осигурување ќе го покрива трошокот за лекување на пациентите кои ќе се сместуваат во овој објект.
Во објектот за неколку дена ќе бидат обезбедени греење, довод за кислород, рендген апарат, ЕКГ и друга опрема потреба за примање на пациенти.
Вчера министерот Филипче имаше разговор со сопствениците на приватните болници „Жан Митрев“, „Аџибадем Систина“ и „Ре-медика“ и истакна дека разговорот бил конструктивен.
Откако земјата прогласи кризна состојба, тоа значи дека државата ќе може да ги користи ресурсите од приватните болници за лекување на пациенти со Ковид-19.
