Стартот на преговорите на Украина и Молдавија со ЕУ, причина за меѓусебни обвинувања на премиерот Мицкоски и СДСМ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Жабени коментирајќи го почетокот на преговорите со Украина и со Молдавија со ЕУ, истакна дека опозициите на двете земји не работат против своите граѓани и својата влада.

„Опозицијата на Украина и Молдавија не работи против своите граѓани и својата влада, не ја кочи сопствената влада и не работи за интересите на туѓи влади коишто имаат поинакви интереси, како што е во нашиот случај. И поранешните власти во овие две држави обезбедувале консензус кога станува збор за стратешки прашања против надворешни предизвици. Тоа не го направи претходната влада којашто беше во една, би рекол, прилично очајна состојба тогаш и беше подготвена да коленичи и да прифати да потпише за да остане на власт. Но, ние нема да очајуваме. Ќе продолжиме да работиме, да испорачуваме реформи што се дел од планот за раст. Резултати преку ноќ нема. Ние никогаш не сме ветувале чуда, ние не сме чудотворци. Секој оној којшто ветува чуда не ја говори вистината“, рече Мицкоски.

По повод оваа изјава на претседателот на Владата, се огласија и од СДСМ. Од таму велат дека Мицкоски не сака Македонија да биде дел од ЕУ, и дека свесно ја држи земјата во изолација.

„Прво, Мицкоски не сака Македонија да влезе во Европската унија. Тој свесно ја држи земјата во изолација затоа што знае дека вистинскиот европски пат значи крај за неговата криминална структура која ја презеде контролата врз државата. Додека Украина и Молдавија напредуваат кон Европа, тој Македонија ја држи назад за да се заштити себеси и своите луѓе.

Второ, наместо да ги спроведе реформите што самиот ги вети и кои требаше да бидат завршени до 1 јуни, Мицкоски нема никакви резултати. Затоа сега ја напаѓа опозицијата – за да го прикрие сопствениот неуспех и отсуството на каков било план за европскиот пат.

Трето, споредбата со Украина и Молдавија е срамна. Владите во тие земји не работат за Александар Вучиќ, не го блокираат сопствениот европски пат заради интересите на криминални структури и руски влијанија. Тие не соработуваат со Виктор Орбан, не земаат кинески кредити преку трети држави и не испраќаат членови на владата да преговараат за интереси на Кина, додека нивните земји се членки на НАТО“, велат од СДСМ.