Стартува Пописот на населението, домаќинствата, становите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во 50 пописни реони во земјава денеска почнува Пописот на население, домаќинства и станови. Статистичката операција официјално стартува изутринава во 8 часот, а ќе трае до 30 септември, до кога ќе трае и онлајн пописот на дијаспората, што почна на 1 март. Досега во дијаспората се попишани приближно 191.000 граѓани.

Во земјава по 20 години се спроведува попис. Последен пат ваква статистичка операција се спроведе во 2002 година, а надлежните сега уверуваат дека се е подготвено за пребројувањето на населението, домаќинствата и становите, со што ќе се добие точна бројка за населението, каде точно е распоредено, слика за половата, старосната, образовната, економската структура, бројот на објекти и слика на условите за живеење на населението.

Пописот првично требаше да се одржи во април, но се одложи поради пандемијата. Статистичката операција се спроведува по претходно предвидени протоколи. Две третини од попишувачите се вакцинирани, а оние граѓани кои не сакаат да примат невакцинирани попишувачи, ќе имат можност да побараат вакцинирани.

Доколку постојат услови, треба да се користи секоја можност за попишување во двор, на тераса, веранда, со задолжително носење на заштитна маска (КН95) и растојание од најмалку 1,5-2 метри.

Ова го содржи Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година, кој беше усвоен од Владата на 2 март, на предлог на Комисијата за заразни болести.

Мерките за теренското попишување предвидуваат и задолжително носење заштитна маска (КН95) во домаќинствата и за целото времетраење на попишувањето, задолжително одржување на пропишаната дистанца од 1,5-2 метри, забрана за вадење, поместување и менување на заштитната маска за цело времетраење на попишувањето во домот.

Протоколот содржи и забрана за пиење и јадење за цело времетраење на попишувањето во домот, предвидено е користење на средства за дезинфекција на рацете пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, надворешна дезинфекција на лап-топот пред влегувањето и по излегувањето од домаќинството, пред влегување во домаќинството задолжително попишувачот да стави каљачи на обувките.

Директорот на ДЗС, Апостол Симовски во интервју за МИА истакна дека Протоколот што е подготвен за спроведување на Попис во време на пандемија со ковид-19 е многу строг и прецизен.

-Нашите попишувачи се запознаени со Протоколот, веќе им се распределени заштитени маски КН95 и средства за дезинфекција и точно знаат како треба да се однесуваат и што треба да направат при влегување во едно домаќинство. А тоа е: правилно да ја носат маската, да побараат од домаќинот, доколку не носи маска, да стави маска, да ги дезинфицираат рацете пред да влезат во домот, како и лаптопот, со кој ќе го вршат попишувањето и доколку попишувањето се врши во затворен простор, да замолат да се отворат прозорците и распоредот на седење да биде со задолжителна дистанца од најмалку 2 метра – појаснува Симовски.

Согласно Протоколот секаде каде што дозволуваат условите се препорачува попишувањето да се спроведува на отворен простор, а Симовски изразува уверување дека временските прилики ќе го дозволат тоа.

Симовски вчера истакна дека во случаи кога граѓаните ќе инсистираат на вакцинирани попишувачи, тоа и ќе им биде овозможено, а во однос на бројот на вакцинирани попишувачи, рече дека точната бројка ќе се знае деновиве. Две третини, како што посочи, се вакцинирани бидејќи тоа го навеле кога се пријавиле за попишувачи.

Во однос на заболените од ковид-19 Министерството за здравство на дневна основа ќе доставува списоци, каде има заболени лица и лица во изолација.

– Нашата намера е да сочекаме, ако за тоа има можност, да излезат овие лица од изолација и тогаш да го спроведеме попишувањето, да биде најбезбедно и за самиот попишувач. Меѓутоа, ако не постојат услови за вакво нешто, тогаш имаме посебни протоколи како да се постапува во попишувањето во домаќинства кадешто имаме заболено лице или лица во изолација – појасни Симовски.

Обуките и подготовките на теренските попишувачи се спроведувале во насока попишувачите брзо и ефикасно, без да се задржуваат во домовите, за 10 до 15 минути да ја заврши целата операција во домот.

Според Законот за Попис, Заводот има обврска да ги објави податоците шест месеци по  завршувањето на теренските активности, но Симовски  прогнозира дека ќе успеат да ги завршат обработките многу порано и до крајот на годинава, најдоцна во јануари 2022.

На територијата на земјава, според податоците на Заводот за статистика, првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население. Пописот во 1994 година е прв попис по осомастојувањето, а пописот во 2002 година е последниот спроведен попис. Според тогашните прибрани податоци во земјава бројот на населението изнесувало 2 022 547, имало 564 296 домаќинства и 698 143 станови.