„Она што мене ми изгледаше проблематично кај Охридскиот договор е токму тоа што албанскиот јазик не се третира како вредност на различноста сам по себе, туку се квантифицира преку 20 проценти. Не треба да велиме дека Охридскиот договор бил одличен, а сега не се спроведува и дека сме во катастрофална, фатална состојба, бидејќи тоа не е точно.“, вели Албин Курти.
Оваа изјава на косовскиот премиер Албин Курти, кој го повтори својот став дека албанскиот јазик во Македонија не ужива статус на службен јазик, туку се споменува како јазик што го зборуваат 20 проценти од населението и дека Охридскиот договор не е совршен, предизвика реакција од лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Претседателот на интегративците оцени дека Охридскиот договор е темелот на правата на Албанците во државата и потсети дека тој е постигнат со жртви и пролеана крв.
„Со овој договор јас ја оставив оваа држава со службен албански јазик, со официјално национално знаме, со три универзитети на албански јазик, со над 25.000 албански административци, со Албанец премиер, со Албанец претседател на Собранието и со безброј државни институции раководени од Албанци. ВЛЕН ја нема волјата на народот, нема изборен легитимитет, затоа што ги загуби изборите и влезе во Владата како префериран од ВМРО, а не од Албанците.“, рече Али Ахмети.
Реагираше и пратеникот од ВЛЕН, Беким Ќоку, преку објава на Фејсбук, иронизирајќи со Ахмети во врска со употребата на зборовите „пролеана крв“.
„Колку крв е пролеана за трговскиот центар Соравија, господине Али Ахмети?“, рече Беким Ќоку.
Дебатата за Охридскиот договор и статусот на албанскиот јазик повторно ги разгоре политичките судири меѓу албанските политички актери во Македонија и Косово. Додека Албин Курти продолжува да оценува дека јазичните права не се целосно уредени, Али Ахмети го брани Охридскиот договор како камен – темелник на унапредувањето на позицијата на Албанците во државата.
