Стојановски: Не ќе можеме да ги видиме оние каматни стапки што ги имавме пред ковид кризата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Рестриктивната монетарна политика претставуваше предизвик за бизнис-секторот и компаниите, но со намалувањето на инфлацијата централните банки започнаа да ги снижуваат референтните каматни стапки. За тоа како овие промени влијаат на економијата и што може да се очекува од олабавувањето на монетарната политика, Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на „НЛБ банка“ АД Скопје, нагласи три клучни фактори што доминираат на глобалната економска сцена: екстремно високиот долг кој надмина 310 трилиони долари, флуктуирачките каматни стапки и високиот инфлаторен притисок.

Стојановски истакна дека, иако инфлацијата се очекува да се стабилизира во развиените земји на таргетираните 2-4 проценти, банките за меѓународни порамнувања предупредуваат на внимателност при намалување на каматните стапки за да се избегне потенцијално нарушување на овие таргети. Според предвидувањата, каматните стапки на Фед ќе останат околу 3-4 проценти, додека во еврозоната, поради економските предизвици, особено во Германија, каматните стапки може да бидат нешто пониски.

Во Македонија, инфлацијата и монетарната политика ги зголемија каматните стапки, со што поскапеа средствата на пазарот. Тековната каматна стапка на депозитите изнесува околу 2 проценти, а има тренд на раст, додека просечната каматна стапка на кредитите е околу 5,4 проценти, и кај новоодобрените кредити таа паѓа под 5 проценти.

Во однос на економскиот раст во Македонија, Стојановски на конференција на „Блумберг Адрија“ во Скопје истакна дека треба да се обрне внимание на балансирање на кредитниот раст меѓу компаниите и населението, со што би се поддржале сите сектори поврзани со реалната економија. Тој додаде дека е потребна предвидливост за бизнис-заедницата и владеење на правото за да се забрзаат инвестициите.

„Финансирањето и пристапот до средства не се проблем во Македонија – потребно е фокусирање на факторите кои го поттикнуваат инвестицискиот раст,“ вели Стојановски, истакнувајќи дека банките имаат капацитет да ги поддржат растечките инвестиции со конкурентни каматни стапки.