Стоматолозите на протест пред МЗ – бараат трудот соодветно да им се плаќа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Потпишете ги новите договори“, порачаа денеска пред Министерството за здравство стоматолозите специјалисти. Побараа прием кај министерот и се пожалија дека  немаат право на боледување, бидејќи немаат замена и работат на учинок. Минатата година, во ковид пандемијата имаше одлука на Влада да се затворат стоматолошките ординации како најзагрозена просефесија. Тогаш им биле доделени средства на специјалистичките ординации, но пандемијата сè уште трае, а средствата во шести месец биле вратени на Фондот за здравство од оние ординации кои не можеле да го направат учинокот.

„Денеска сме овде собрани да го искажеме нашето незадоволство од релевантните институции кои 15 годни имаат игнорантски однос. Ние бараме нашиот интелектуален труд и долгогодишно работно искуство да бидат соодветно платени. 15 години се обидуваме да преговараме со Фондот за здравство но сето тоа е безуспешно иако знаат дека нашите договори се од 2007 година“, истакна д-р Верица Димовска.

„Сакам да ја искористам оваа прилика сегашниот или идниот министер за здравство да најде разбирање на проблемите на стоматолозите и да седнеме на заедничка маса, проблем по проблем ќе бидат решени“, посочи Оливер Манасиев.

Првично им беше кажано дека ќе се сретнат со заменик-министерот за здравство, за подоцна да ги прими министерот во заминување.

„Значи не прими министерот за здравство имавме кратко состанок. Истакна дека нашите барања се реални и за утре ни закажа состанок со директорот на Фондот. И тој ќе дојде таму да ги разгледаме заедно барањата за да го решиме проблемот. Тие барања што ги бараме се реални и терба да се решат“, додаде Ненад Поповски.

Доколку не се решат проблемите на специјалистите стоматолози кој во некои градови воопшто ги нема, по утрешниот состанок, најавуваат дека ќе продолжат со протестите.