Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ денеска во 18 часот ќе одржи протестен марш под мотото „Не за нова дозвола по стари правила“, кој ќе започне пред Собранието и ќе заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од иницијативата велат дека протестот се организира поради, како што наведуваат, недостатоци во постапката за обновување на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата „ТИТАН Усје“. Активистите тврдат дека документацијата не е усогласена со идните европски стандарди и дека недостигаат податоци за мониторинг на одредени штетни супстанции.
Од друга страна, од „ТИТАН Усје“ претходно соопштија дека барањето за продолжување на дозволата е поднесено во согласност со законските прописи и дека сите мерења покажуваат усогласеност со еколошките стандарди. Компанијата посочува дека останува отворена за дијалог и разговор заснован на факти и транспарентност.
